Во Албанија се врши тивка асимилација на Македонците, кои соочени со немање на основни услови за живот, егзистенцијални проблеми и политички притисоци, се повеќе се иселуваат од родните места, предупредува партијата на македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција.
-Освен во Мала Преспа што се направи државен пат, други основни улови за живот нема, нема водовод, канализација, локални патишта, во некои региони нема и амбуланти каде што живеат Македонците, што доведува до голема миграција, пред се во внатрешноста на Албанија но и надвор. Македонците бараат подобра иднина, што е на наша штета бидејќи ако се иселиме од тие етнички области за дваесетина- триесет години може целосно да исчезнеме во Албанија. – вели Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонската алијанса за европска интеграција.
Васил Стерјовски
Стерјовски е директор на ЈП Водовод за руралните средини во Корча и е единствениот Македонец кој е на раководна функција во општествениот сектор во Албанија. Тој вели дека македонците тешко доаѓаат до работа.
-Македонците тешко можат да најдат вработување во јавни претпријатија, за тоа е потребно да се вклучат во други партии или да дадат пари за работа, многу е тешко, а особено е тешко кога се менува власта, бидејќи и тие малку македонци што работат се први на удар, нив ги сменуваат затоа што немаат поддршка. По промената на власта пред една година десеттина македонци коишто беа вработени во разни јавни претпријатија во Корча први ги отпуштија.-истакна Стерјовски.
Од Македонската алијанса за европска интеграција посочуваат дека македонското малцинство во Албанија не ги ужива ниту основните човекови права, како што е правото на образование на мајчин јазик.
-Ние спроведуваме курсеви речиси на цела територија на Албанија. Сега немаме притисоци, но кога почнавме пред четири години се активира тајната полиција на Албанија „ШИШ’, се вршеа притисоци, имаше закани кон наставниците, но и кон децата, се правеа контроли од министертсвото за образование. Тогаш се жалевме кај албанските власти и ОБСЕ, уследи реакција и се смири таа ситуација. Сега се дозволуваат курсеви но не се дозволува Македонскиот јазик да се изучува во училиштата во областите каде има Македонци. Трета година се доставува петиција од родителите во Голо Брдо за изучување на Македонски јазик, но не одговараат на тие петиции. Пред три години одговорија дека може да се изучува од 7-мо одделение како втор странски јазик но и тоа после не го дозволија. Во Мала Преспа наместо 60 отсто од наставата да се одвива на Македонски јазик, како што е предвидено со закон, поради немање учебници само 20 проценти од наставата се одвива на мајчин јазик.-рече Стерјовски.
Според Стерјовски, не само што не се унапредуваат правата на македонското малцинство во Албанија, туку тоа ги губи и веќе стекнатите права и полека се брише од демографската карта на земјата.
-Во Албанија Македонец можеш да бидеш само во Мала Преспа. Таму во матична книга до пред две години стоеше графа дека си Македонец. Уставниот суд тоа го укина и сега фактички немаме никаков официјален документ дека и таму се признаваме оти сме Македонци во лични документи. –додаде Стерјовски.
Република Македонија во изминатите дваесет години многу им помага на Македонците во Албанија, особено во полето на образованието и културата, вели Стерјовски, додавајќи дека таквата политика треба да продолжи.
–Се примаат студенти од Албанија Македонци по потекло, но и од другите соседни земји. Тоа е добра политика која треба да продолжи, бидејќи тие студенти се образуваат во Македонија се зацврстува нивното македонско чувство и кога ќе се вратат работат во македонските средини за македонските интереси. Исто така се поддржуваат различни културни проекти, бидејќи тука немаме можности затоа што Албанија во последните 20 години нема ниту денар инвестирано за културата на македонското малцинство. Ние инсистираме Албанија тоа да го прави, да има одделен буџет за малцинствата за финансирање на културни активности, а се надеваме дека тоа ќе се оствари со новиот закон за малцинства на кој инсистираме. рече Стерјовски, кој високо образование завршил во Македонија.
Корча – Р. Албанија
Според државниот завод за статистика во Албанија има само 5500 Македонци, но малцинствата во Албанија не ги признаваат резултатите од пописот заради низа пропусти нотирани и од меѓународната заедница. Според Македонската алијанса за европска интеграција, на територијата на Албанија живеат околу 120.000 лица кои се чувствуват како Македонци, но тие не уживаат малцински права.
Горан Момироски