Пандемијата на коронавирусот го прекина првенството и на неодредено време го одложи дебито на Срѓан Захариевски на клупата од прволигашот Струга Трим Лум. Захариевски одработи неколку тренинзи со екипата, а фудбалерите поради прогласувањето на вондредната состојба тренираат во домашни услови, со посебни програми и апликации низ кои се прати нивната физичка подготвеност.

Тренинзите ги правиме онлајн преку апликација, ги следиме сите, меѓутоа тоа се само индивидуални тренинзи и таквите тренинзи за мене не се тренинзи. Но, такви се условите и мора да се прилагодиме на нив. Ако ги почитуваме мерките може полесно да помине целата состојба. – изјави Захариевски.

Поранешниот стратег на Металург смета дека фудбалот не се гледа како спорт, туку како бизнис. Разочаран е од односот на големите лиги, кои, по секоја цена сакаат да ја завршат сезоната.

Од она што слушаме и гледаме кога се споменува прекинот, гледаме дека во повеќето првенства се се работи за пари. Секаде кадешто се споменува прекин, се споменува колку пари ќе се загуби, како на пример во Англија и Шпанија каде има милионски цифри од спонзори и ТВ-права. Нив не им е гајле премногу за играчите, за како ќе се завршат првенството и дали ќе играат во ритам среда – недела, туку само финансискиот дел. Ние сме далеку од тоа, не сме засегнати од такво нешто, немаме некои финансиски приливи па да ги загубиме милионерите. Многу потешко ние би го завршиле првенството, ако УЕФА донесе одлука, ќе мора да се почитува. – рече Захариевски.

Ако се одлучи првенството во Македонија да продолжи екипите ќе имаат згуснат распоред и ќе треба да одиграат 13 натпревари. Дополнително за клубовите ќе биде товар и Купот на Македонија.

Има уште 13 кола, со уште три натпревари ако се стават дуелите од Купот. Некои екипи ќе имаат 16 меча, тоа е премногу да се игра во ритам среда – недела. Секој клуб има по тринаесетина играчи, немаме ростер од 30 имиња па да може да се ротира. Не знам како ќе се игра, затоа што ако се игра, ќе останеме без овие играчи за следната сезона затоа што многу ќе има повредени. Не може да се даде приближен датум, се работи, ама не знаеме во каква фаза ќе бидат играчите кога ќе се тргне. – заврши тренерот на стружани.

 

Фудбалерите на Струга Трим Лум се наоѓаат на последната позиција на табелата во Првата лига и токму затоа дојде тренерска смена. Од клубот замина Јетон Беќири.

OhridNews