Tимот Togepi Crew од Битола беа најдобри на програмерскиот маратон Codefest кој се одржа изминатиов викед во Охрид. Тие изработија едукативна augmented reality апликација преку која фотографиите од училишните учебници преминуваат во 3Д модели со цел да се олесни учењето.
Второто место на Codefest го освои тимот Coding Mates кои развиваа веб софтвер преку кој пациентите можат директно да комуницираат со доктори и самите непосредно да си закажуваат прегледи.
Трето наградени беа Developer’s Case, тим кој развиваше иновативно решение, комбинација на хардвер и софтвер со помош на кој би се намалил бројот на незгоди во сообраќајот преку вградени сензори во возилата и сигнализацијата.
Покрај овие, награди се доделија и во категориите Иноватор, најдобра бизнис апликација, Нинџа талент, најдобро веб решение, најдобра мобилна апликација, најдобар дизајн, итн. Особено интересна беше апликацијата Betty, која претставува систем со препораки за обложување на паметен начин.
-Меѓу идеите кои се презентираа на Codefest оваа година можеше да се забележи разновидност на општествено применливи идеи кои имаат вистинска можност да се реализираат и да станат реални продукти кои ќе им помагаат на луѓето. Codefest годинава беше настан кој успеа да собере на едно место голем број на млади, талентирани и способни студенти, професионалци од академските води и бизнис секторот, велат организаторите.
Освен одлично реализирани демо продукти од страна на тимовите, во рамки на настанот се одржаа неколку работни сесии, забавни активности, дискусии на разни теми, говори и презентации.
Пред натпреварувачите и другите присутни, говор одржа Ербил Караман, продукт менаџер во Facebook Лондон, како и Асиф Раџа, основач и генерален менаџер на Mindmakr, британска компанија, платински партнер на настанот, со работно искуство во компании како Apple. Исто така гостин на Codefest беше и Марко Чаласан, македонскиот компјутерски гениј, кој ги мотивираше тимовите со свое обраќање пред почетокот на финалните презентации.
OhridNews