Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко во интервју за британски Телеграф предупреди дека надежите за мировен договор со Владимир Путин се „обични илузии“.
Таа наведе дека секој договор со рускиот претседател за препуштање на дел од територијата на Украина, само ќе го поттикне Путин да продолжи да освојува и други земји.
Според Тимошенко единствено решение е целосно да се уништи руската армија и покрај растечкиот број на загинати украински војници.
Изненадена сум што некои земји продолжуваат да се залагаат за политика на попуштање кон Путин. Ова е неприфатливо за цела Украина. Мировниот договор е илузија, единствениот излез е победа во борбата. Секој мировен договор ќе биде првиот чекор кон следната војна, наведе Тимошенко, која беше премиерка за време на првиот украински бунт против Кремљ.
Таа додаде дека Путин сака да ја продолжи војната во надеж дека на крај ќе има поделба внатре во НАТО.
Тимошенко исто така посочи дека Русија ќе се обиде да заземе и други соседни држави, пред се Молдавија, Белорусија, Грузија, Казахстан, како и скандинавските и балтичките земји.
Мојот совет до тие земји би бил да не губат време и да почнат да градат силни вооружени сили и да станат членки на НАТО, ако веќе не се, посочи Тимошенко.
Таа додаде и дека Путин е подготвен да употреби нуклеарно оружје.
Подготвен е да ги премине сите линии и да игра против сите правила, тоа е изворот на неговата сила, истакна Тимошенко.
Тимошенко во 2004 година учествуваше во Портокаловата револуција, што доведе до масовни улични протести кои ги поништија наместените избори во корист на прорускиот кандидат Виктор Јанукович.
Сепак, Портокаловата револуција брзо се претвори во внатрешни судири, дозволувајќи му на Јанукович да ја преземе власта во 2010 година. Тогаш Тимошенко беше осудена на седум години затвор под обвинение за злоупотреба на службената положба. Таа тврдеше дека обвиненијата се политички мотивирани и е ослободена по вториот прозападен бунт во Украина во 2014 година, кога Јанукович побегна во Русија.
Тимошенко загуби од Зеленски на изборите во 2019 година, но го поддржа по руската инвазија во февруари.
OhridNews