Тим составен од ученици и нивните ментори од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во рамките на eTwinning проектот „Water as a source of life“ реализираше посета на ЈЗУ Центар за јавно здравје, Одделение за лабораториска дејност, лабораторија за санитарна микробиологија и лабораторија за санитарна хемија.
Учениците добија задача да ги истражуваат хемиските и физичките својства на водата и начините на нивно определување, како и да објаснат како секој од овие параметри влијае врз живиот свет во Охридското Езеро. Имаа можност да видат и научат на кој начин и од кои места правилно се зема примерок од водата која се испитува, како се определуваат физичките и хемиските показатели на водата и како се извршува микробиолошката анализа на водата, информираат од училиштето.
Посетата се реализираше под менторство на професорите Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески.
Од училиштето изразуваат голема благодарност до вработените во Центарот за несебичното споделување на своите знаења со ученици.
OhridNews