Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, заедно со еврокомесарот Јоханес Хан, директорот на Бирото за јавна безбедност Горанчо Савовски и евроамбасадорот Аиво Орав, денеска го посетија прифатниот центар за мигранти во Гевгелија.

„Решенијата на национално ниво се парцијален пристап и без ефективна реакција од ЕУ нема да се подобрат состојбите со менаџирањето на миграциските процеси.  За индивидуалните или вкупните напори кои ги правиме на национално ниво секоја од државите, посебно во рутите кои се транзитни на мигрантите кои доаѓаат од Република Грција, веќе сме сведоци на реакции или на индивидуални решенија секоја држава посебно. Потребно е да се најде глобално решение кое ќе биде согласно највисоките европски стандарди на солидарност и хуманост“, рече Чавков.

Еврокомесарот Хан најави ека ЕУ ќе и помогне на Македонија.

„Ќе и помогнеме и на вашата земја да излезе на крај од ситуацијата. Како што веќе бев информиран на дневна база се примаат околу 6.000 бегалци, во просек. Мислам дека ова е предизвик за вашата земја, како и за другите земји, така што би било добро сите да изнајдат решение на ова прашање”, изјави Хан.

Исто така евроамбасарот нагласи дека увидел дека Република Македонија успешно се справува со ситуацијата со бегалците изразувајќи притоа благодарност до властите.

„Европската унија е заинтересирана да му помогне на системот на вашата земја за да се справи со оваа ситуација.  Веќе во понеделник ќе дојде тим од Европската комисија кој заедно со експерти од вашата земја ќе ја направат вистинската проценка сè со цел да ги идентификуваат потребите, опремата, човечките ресурси и финансиската помош која што ќе им биде потребна на вашите власти да се справат со оваа ситуација“, нагласи Хан.

OhridNews

Извор:„Макфакс“