Измена и дополнување на детални урбанистички планови, изградба на инфраструктура во Мауцкер, решавање на прашањето со бездомните животни, најави на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митко Тилевски. Како што потенцира Тилевски, квалитетно изработена урбанистичко-планска документација овозможува заштита и унапредување на животната средина, а уредувањето на просторот и неговото планирање во дослух со граѓаните креира пософистициран лик на Општината и овозможува нејзино просторно искористување.
– Со цел да се прифатат и да бидат вградени барањата за бесправно изградени објекти, континуирано се изработува ДУП за сите населени места, доколку, како дел од постапката, Министерството за транспорт и врски навремено ја издаде потребната согласност, рече Тилевски.
Тилевски најави и изградба на комплетна инфраструктура во индустриска зона „Мауцкер“ и решавање на состојбата со бездомни животни преку изградба на современ стационар и шинтерска служба согласно со сите стандарди исто така во Мауцкер. Ќе се уредува и просторот кај Бејбунар.
– Добрите инфраструктурни, водоснабдителни и канализациони системски решенија, обезбедуваат континуиран развој на општината во секој нејзин дел, вклучувајќи ги како градските така и руралните средини. Преку изградбата и реконструкција на водоводните и канализационите системи паралелно со уредувањето на зелени површини во Општината, директно придонесуваме за почиста, а со тоа и поздрава животна средина за сите нас, потенцира Тилевски.
Во изборната програма кандидатот за градоначалник нагласи дека е опфатена изградба или доизградба на водоводни системи. Водоводна мрежа на улиците: „Јане Сандански“, „Абас Емин“, „БУдва“, „Вардар“, „Васил Стефоски“, „Христо Узунов“, н. Рача, Горно Лакочереј, Пештани, н. Лагадин и Куратица. Одржување и управување на сите локални водоводни мрежи од страна на МЈП „Проаква“.
Предвидена е изградба на фекална канализација во рурални средини, во Лескоец 4 фаза, Велгошти, населба Рача, реконструкција и изградба на канализациониот систем – општина Охрид, Урбани Заедници, Фекална канализација на улиците „15 Корпус“, „Стив Наумов“, „Абас Емин“, „Железничка“, „Будва“, „Александар Турунџиев“, „Ристо Чадо“. Изградба на атмосферска канализација низ општина Охрид, атмосферска канализација на улиците „Никола Карев“, „Будва“, „Абас Емин“, „Охридати“, „7 Ноември“, „Ристо Чадо“.
OhridNews