„ Заедно со останатите советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата застанувам гордо пред вас со остварлива визија и цел за Охрид со работа, дела и отчетност да се внесе во Новата Ера, гордо и достоинствено“, се обрати на денес одржаната прва прес конференција во рамки на предизборната кампања, претседателот на Општинсиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
– За нас најважната работа е дадениот збор. Во изминатите четири години неуморно се реализираа најголем број проекти за кои дадовме збор, максимално се вложивме за изградба на Охрид како современа општина. Сите охриѓани видоа една нова сосема отворена локална самоуправа, посветена кон целата јавност и која беше вистински сервис во решавањето на проблемите и на потребите на секој жител во Охрид. Токму затоа граѓаните можат да бидат сигурни дека новите проекти што ќе ги понудиме со новата изборна програма, ќе се реализираат во периодот од наредните четири години. Продолжуваме посветено и неуморно како и досега, продолжуваме да работиме за подобар живот за сите граѓани на Охрид. Тие што вистински го сакаат својот град, работат за него, го сакаат со дела, рече Пецаков. Ги повика сите политички субјекти на соработка и заемно почитување со цел зајакнување на демократските капацитети во сите сфери на современото живеење. Додаде дека политиката за него како личност, не е борба за власт, туку дека за ВМРО-ДПМНЕ политиката е одговорност, натпревар на идеи, служење на народот.
На прес конференцијата на која присуствуваа и предложените советници од кандидатската листа, се обрати и кандидатот за градоначалник, Митко Тилевски, кој истакна дека со огромно задоволство и позитивна енергија се прифаќа успешниот почеток на кампањата за локалните избори со визија и сила, докажувајќи дека силата на ВМРО ДПМНЕ е народот.
– Уште од денеска започнуваме со работа, која ќе триумфира на 15 октомври со голема победа уште во првиот круг. Охрид секогаш ќе биде лулка на ВМРО-ДПМНЕ и стожерот на Македонија. Ние вистински го сакаме својот град, секогаш работиме за него, го сакаме со сето срце и душа. Ќе го посетиме секое маало, секоја улица и куќа презентирајќи ја Програмата. Нашите одлуки се одговор на барањата на граѓаните. Заедно продолжуваме кон решавање на проблемите, со цел да обезбедиме подобра иднина за нашиот град. Во Охрид ќе победи работата, ќе победат охриѓани. Сакам да Ве повикам и заедно сите да бидеме дел од прогресивните идеи, да пристапите кон нашиот тим и заедно да дејствуваме во насока на подобрување и унапредување на општественото живеење во Охрид. Јас сум убеден и верувам дека ќе ја препознаете вистинската сила токму во мене и Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата како вистински избор за светла иднина на градот Охрид, рече Тилевски.
Кандидатот за градоначалник изрази надеж и желба дека локалните избори ќе бидат мирни, достоинствени, фер и демократски.