Со големата промоција на Охрид низ светските медиуми, постигнавме голем успех зголемувајќи го бројот на странски и домашни туристи. Претставувајќи го Охрид како една од дестинациите кои мора да се посетат, ги отвораме вратите на туристите, а истовремено и постојано работиме на подобрување на инфраструктурните решенија и на збогатување на содржините на и онака богатото културно и природно наследство на УНЕСКО, рече на денешната прес конфренција, кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, д-р митко Тилевски. Меѓу новите проекти, Тилевски ја посочи изградбата на Конгресен Центар.
– Не се откажуваме од оваа идеја иако истата претходно беше стопирана. Со инвестирањето во изградба на Конгресен Центар, Охрид ќе добие уште еден дополнителен адут како за граѓаните така и за здруженијата, институциите и организациите кои го избираат Охрид особено во пролетните и есенските месеци како дестинација за одржување на своите симпозиуми, конгреси и настани. Со тоа се инвенстира и во продолжување на летната сезона и се потпомага на чинителите на туристичко-угостителската дејност. Очекуваме поддршка од Владата на РМ, рече Тилевски.
Тилевски најави и воведување бесплатен бежичен интернет на најпосетувани локации во градот.
– Поставување на мрежа од Wireless hotspot локации на најпосетуваните и најфреквентните места во градот или вовеување општинска бежична мрежа преку поставување на wireless mesh network. Преку овој проект бесплатен интернет ќе биде достапен како за граѓаните, така за сите посетители и туристи со првенствена цел достапност до градските услуги и туристичка понуда на градот, рече кандидатот за градоначалник. Тилевски најави и воведување видео надзор на јавни површини и објекти од јавен карактер и интерес, со цел подигнување на угледот и имиџот како сигурна туристичка дестинација, а истовремено да се спречи или намали материјалната штета на објектите и јавните површини.
Со изборната програма предвидена е и набавка на мултифункционална бина со озвучување и осветлување, воведување на систем за паркирање „Smart Тraffic management“, набавка на специјален пловен објект за превенција и интервенирање при итни ситуации во медицинска, противпожарна, спасувачка цел по Охридското крабрежје.
– Проектот предвидува набавка на специјален пловен објект за интервенција на вода и во крајбрежниот појас во случај на елементарни непогоди, природни или други катастрофи, како и донесување на план за безбедна туристичка дестинација и управување со итни случаи, пред се на Охридското Езеро и крајбрежните области. Пловилото ќе биде опремено со противпожарна опрема, пумпи за вода, опрема за давање на итна медицинска помош, опрема за спасувачки екипи на вода и на копно и друга потребна опрема, рече Тилевски.
Предвидена е и изградба на хидрантска мрежа, поставување на противпожарна пристапна мрежа во Стариот дел на градот, набавка на нова опрема за противпожарната станица, курсеви за пожарникарите на меѓународни семинари, набавки на нови возила.
OhridNews