Ракометниот клуб Тиквеш од Кавадарци го освои првото место на првото издание на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, што вчера и денес се одржа во салата „Билјанини извори“ во Охрид во организација на ГРК Охрид, а под покровителство на Општина Охрид.

Во финалето што се одигра попладнево Тиквеш го совлада Партизан од Белград по изведување на пенали 33:32, откако во регуларниот ден мечот заврши нерешени 29:29.

Белграѓани можат да жалат, бидејќи доминираа во текот на натпреварот. Со цврста игра во одбраната и расположени голмани Партизан веќе во првото полувреме стекна осетна предност 15:09. Предноста во вториот дел растеше, но Тиквеш не се предаваше.

Лозарите постојано го бркаа резултатот и во 56 минута намалија на -2 (26:24). Партизан ја смири играта и со бавни нападисе обиде го сочува водството. Во последната минута белграѓани имаа + 2, но во неверојатен финиш Тиквеш израмни по што пеналите го решаваа победникот. Психолошката предност беше на страна на кавадарчани кои славеа 33:32 на пенали.

Најефикасен на натпреварот беше бекот на Тиквеш Страхиња Симиќ кој постигна 12 гола и беше прогласен на најкорисен играч на турнирот.

Претходно во борбата за третото место Охрид го совлада Тинекс Пролет 27:23.

Целта на организаторот е овој турнир да прерасне во традиција.

Г.М.