Македонската претставничка на изборот за песна на Евровизија, Тијана Дапчевиќ, ќе настапи вечерва на втората полуфинална вечер што се одржува во Копенхаген, Данска, пренесува „Макфакс“.
Тијана со песната ’To The Sky’ ќе настапи 11-та и ќе се бори за влез во финале на 59.издание на Евросонг. На сцената заедно со Тијана, како пратечки вокали, ќе настапат и Тамара Тодевска, Пере од ’Нокаут’ и Димитар Андоновски.
Вечерва ќе настапат и претставниците на Малта, Израел, Норвешка, Грузија, Полска, Австрија, Литванија, Финска, Ирска, Белорусија, Швајцарија, Грција, Словенија и Романија. Од нив, само 10 ќе се натпреваруваат во финалето во сабота, на 10-ти мај.
Македонската Радио Телевизија ќе врши директен пренос од полуфиналната вечер со почеток во 21 часот.
Во средата се одржа првата полуфинална вечер, а влез во финале обезбедија Црна Гора, Унгарија, Русија, Ерменија, Азербејџан, Сан Марино, Украина, Шведска, Холандија и Ирска.
Директен влез во финале има петорката Велика Британија, Шпанија, Германија, Франција и Италија.
Годинава, вкупно 37 земји се дел од музичкото натпреварување.
Тијана доживеа драма во Копенхаген
Иако никогаш немала страв од затворени простории, македонската претставничка на овогодишниот ’Евросонг’, Тијана Дапчевиќ, доживеала сериозен шок кога нејзиниот лифт се заглавил и во кој останала заробена еден час, пишува српскиот весник Alo.
Тијана во лифтот била заедно со сестра и’ Тамара и со уште неколку девојки.
„Тијана ја напуштила хотелската соба заедно со девојките и тргнале кон лифтот затоа што брзале на генерална проба. Кога влегле, одеднаш лифтот застанал меѓу два ката. Во прв момент не се исплашиле, но кога светлото почнало да се гаси и пали, ги зафатило вистинска паника“, рекол изворот за Alo и додал дека драмата траела еден час.
Тијана во врска со ситуацијата изјавила:
„Сега ми е смешно, но тогаш плачев од страв. Беше и помина, Бидете вечерва со мене“.
OhridNews
извор:„Макфакс“