Независната аматерска театарска група „Аматер“ во соработка со повеќе охридски уметници, во сабота, 13 април, на малата сцена во Центарот за култура во Охрид, премиерно ќе ја изведе претставата „ТИ ВО СЕДУМ БОИ“. Претставата е работена според книгата раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ на Горан Василевски, а во режија на Јован Цветкоски.
Самата идеја се крие зад овој наслов и расказ, во кој е обработена вечната и универзална тема – љубовта, нејзиното раѓање, созревање, разочарување, уништување, барање надеж за да се продолжи понатаму, нејзиното умирање, па повторно раѓање. – вели Цветкоски.
Претставата, додава Цветкоски, е мешавина на повеќе уметности како актерска игра, музика, танц, поезија, која е адаптација на јавно објавени и авторски дела.
Преку сите дела на располагање успеавме да составиме едно театарско сценарио кое ќе ја има нишката на концепт на претстава и создадовме приказна со цел и смисла. – рече Цветкоски.
Во претставата учествуваат актери, музичари, танчери, пејачи … Подготовките кои започнаа пред два месеци, сега се интензивираат.
Поради ваквиот спој на уметности, кој ретко може да се се види на локалната сцена, мислам дека сите ќе уживаат во оваа претстава, која е полна со измешани емоции, среќа, радост, тага, разочарување. Но, верувам сите кои ќе ја погледнат ќе си заминат од салата со исполнета душа и силни впечатоци. – додава Цветкоски.
Во претставата играат: Емилија Колоска, Јован Цветкоски, Евамарија Баткоска, Михаил Талев и Климентина Гилевска. Музиката е на Никола Јосифоски, Христијан Томевски, Ангел Трајковски и Јован Поп-Стефанија, сценографија Катерина Слатинова, светло Борис Велјаноски, а тон Илија Левески.
Премиерната изведба е на 13ти април од 20:00 часот во Центарот на култура „Григор Прличев“ во Охрид, на мала сцена, а реприза на 14ти април од 20:00 часот .
Влез: 150 денари.
Првите две изведби екипата ги посветува на проф. д-р. Јован Стојаноски и Андреј Лаброски.
OhridNews