Репортажа за Охрид со насоки и препораки за патување и одмор, во текот на вчерашниот ден е објавена во престижниот Британски магазин „The Guardian“.

Во рамки на текстот меѓудругото пишува дека нискобуџетната авио-компанија „Wizz Air“ неодамна ја отвори првата директна авионска линија меѓу Велика Британија и Охрид.

-Отварањето на оваа авио-линија значи отварање на овој прекрасен предел од Балканот за британските туристи. Градот Охрид нуди привлечен микс на отоманската архитектура и византиски цркви. Охридското Езеро кое има кристално чиста вода е опкружено со планини, села и атрактивни плажи кои се многу живи во текот на летото и се атрактивни за сончање и пливање, пишува во објавата. Во неа се потенцира дека градот има медитеранска клима и нуди многу поволни цени во хотелско-угостителските капацитети.

Во репортажата се препорачува посета на манастирот „Свети Наум“, за кој се напоменува дека лоциран на карпест предел со прекрасен поглед.

-Патувајќи околу езерото може да застанете во „Заливот на коските“, реконструкција на неолитската населба изградена над езерските води. Поради бројните цркви Охрид со право е наречен  „Македонски Ерусалим“. Црквата „Св. Јован“ е црква од 13 век на карпата на Канео и е уникатно место за каде може да го гледате зајдисонцето, пишува „The Guardian“.

Исто така на британските туристи им се препорачува да ги пробаат македонските традиционални јадења, како и да направат екскурзија во Националниот парк „Галичица“.

OhridNews