Партиите на водечката коалиција во градот-сојузна покраина Берлин, Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел доживеаја големи загуби на вчерашните избори за локалниот парламент, додека евроскептичната и антидоселеничка десна Алтернатива за Германија (AfD) оствари уште еден голем успех првпат влегувајќи во Сенатот на германската престолнина.
Според излезните анкети на јавниот сервис ARD, SPD освоила 23,2 отсто од гласовите, што е 5,1 отсто помалку отколку на минатите избори, додека CDU освоила 17,9 проценти или 5,4 отсто гласови помалку отколку на изборите пред пет години и е најслабиот повоен резултат на локалните избори во Берлин. Така, SPD и CDU повеќе немаат доволно гласови за мнозинство во Сенатот на Берлин. Според претходните најави, најверојатна е коалицијата меѓу СПД и партиите Зелени и Левица, со досегашниот социјалдемократски градоначалник Микаел Милер на чело на локалната влада.
Партиите Зелени и Левица освоиле двете по 16 отсто од гласовите, а повторно влегување во берлинскиот Сенат ѝ успеа и на Либерално-демократската партија (FDP) со 6,5 отсто од гласовите. Партијата AfD, која на овие избори се профилираше исклучиво како противник на имигрантските политики на канцеларката Ангела Меркел, на своите први избори во Берлин по основањето во 2013 година, освоила 11,5 отсто од гласовите и обезбедила околу 20 мандати во Сенатот. Така AfD, влегува во десеттиот покраински парламент и веќе за кусо време се етаблира како трета политичка опција во Германија.
Германските политички коментатори проценуваат дека новиот неуспех на CDU и успехот на AfD ќе ги заостри судирите на сојузно ниво меѓу партиите од демохристијанската владејачка унија меѓу CDU и сестринската баварска партија Христијанско-социјална унија (CSU). Баварците промената на политиките кон мигрантите на CDU ѝ го поставија како услов за продолжување на долгата соработка. CDU на изборите за локалниот парламент во сојузната покраина Мекленбург – Западно Поморје, која е и изборна единици на челничката Ангела Меркел, пред две седмици доживеа пораз отстапувајќи ѝ го второто место во покраината на AfD. Откако претходно со освоените 24 отсто од гласовите на изборите во Горна Саксонија во март годинава, тоа за аналитичарите претставува јасен сигнал за моќта на AfD којашто може да смета на сигурно влегување во Бундестагот на изборите коишто ќе се одржат следната година.
Но Ангела Меркел и покрај неуспесите на CDU и успесите на AfD, што во Германија се доживува како јасна критика од гласачите на бегалските политики на владата која таа ја води, во повеќе наврати ги отфрли барањата за промена на насоките во врска со политиката на отворени граници кон имиграцијата, иако е забележливо дека во последната седмица не го употреби мотото „Ние тоа го можеме“, која се однесуваше токму на мигрантската криза.
OhridNews
извор Макфакс