Пожар се случи денеска во куќа на улица „Крали Марко“, во која живееле мајка и син со посебни потреби. Непосредно пред пристигнувањето на охридската противпожарна единица соседите безбедно ги засолниле синот и неговата мајка од зачадената куќа. Со брза интервенција за околу десеттина минути пожарот бил изгаснат и не се проширил во останатите делови од куќата. Изгорела една соба со покуќнината.

Превентивно мајката и синот кои претрпеле голем стрес, биле хоспитализирани за да им се укаже неопходната помош.

Вечерва, пак, околу 20.30 часот се случил инцидент при интервенција на Противпожарната единица која била повикана да отвори блокирана врата во куќа со приватно сместување на градскиот кеј.

При интервенцијата дошло до лизгање на специјалните скали за качување, при што пожарникарот кој бил на нив изгубил рамнотежа, паднал од висина на нозе по што се стркалал на страна. Благодарение на рефлексите и заштитната опрема пожарникарот избегнал посериозни повреди.

Тој со возило на брза помош бил пренесен во специјализираната болница „Св. Еразмо“ каде бил детално прегледан при што било утврдено дека нема скршеници. Превентивно тој вечерва ќе остане во болница со цел да се следи неговата состојба.

OhridNews