Разни тезги, забавни реквизити, подвижни кујни, шанкови, количиња, се само дел од декорот на Охрид во централното градско подрачје и ова лето. Иако Советот на општината има донесено одлука за поставување урбана опрема и ова лето ретко кој неа ја почитува. На хаосот во центарот на Охрид реагираат и граѓаните и гостите.


„Кога излегов пред некој ден во нашата чаршија се повеќе мислев дека сум на панаѓур. Вака го започнува своето писмо читател на ohridnews кој сака да остане анонимен. Насекаде тезги кои продаваат се и сешто. Плоштадот е задушен од тие кои продаваат храна балони сладолед… Кога сме веќе кај плошадот не знам од каде излезе идејата покрај толкуте кафетерии да се отвори шанк кој уште толку го затвори плоштадот. Покрај единствениот парк кој го имаме во Охрид каде човек може да седне и да се одмори тој е направен како луна парк со количињата и сега новата поставена трамболина. Моторите пак се паркираат кај ќе стигнат, а неретко и на тротоарите поради што навечер тешко се минува. Јас како жител на Охрид не можам да го поднесам овај хаос а не пак гостите од Македонија и странските туристи“ се вели во писмото на анинимниот читател.


Во локалната самоуправа се свесни за проблемот. Оттаму велат дека Комуналната инспекција секојдневно презема акции за отстранување на диво поставените тезги и други реквизити во центарот на Охрид, и дека до сега од сопствениците кои не ја почитуваат одредбата за поставување урбана опрема се одземени десетина тезги. Сепак, велат од Комуналната инспекција, проблем претствува тоа што дел од тезгите се подвижни па по завршување на инспекцијата сопствениците ги поставуваат повторно. Поради тоа Комуналната инспекција со асистенција на полицијата од денеска ќе започне со секојдневни интензивни акции со цел да се воведе ред во центарот на Охрид.


Се бара воведување ред во центарот

Ohridnews