„Тесла“ повлекува 578.607 автомобили во САД затоа што пешаците можеби не се свесни дека возилото им се приближува доколку алармот што на тоа ги предупредува е премногу тивок, соопшти денеска американскиот регулатор.

Според одлуките на Националната управа за безбедност на патиштата (НХТСА), „Тесла“  во последните четири месеци дури десет пати повлекувала одреден број возила.

Производителот на електрични автомобили овој пат повлекува дел од „Моделот С“, произведени од 2020 до 2022 година, „Моделот Х“, „Моделот Ипсилон“ и „Моделот 3“, произведени од 2017 до 2022 година, поради недостаток на функцијата „Бумбокс“ (Boombox) што овозможува звукот на автомобилот да се емитува преку надворешни звучници кога возилото е во движење.

Регулаторот НХТСА наведува дека возилата за кои станува збор не ги исполнуваат безбедносните стандарди во однос на минималната јачина на алармите за пешаци.

„Тесла“ ќе го надградува софтверот на „Бумбокс“, а од компанијата наведуваат дека немаат информации дека се случила некаква несреќа поради овие проблеми.

„Бумбокс“, што беше претставен во декември 2020 година, користи звучници за да ги предупредува пешаците за пристигнување на возилото и корисниците можат да ја прилагодат јачината и видот на звукот.

Според правилата воведени од Конгресот, производителите на автомобили мора да ја зголемат јачината на звукот кога електричните возила се движат до 30 километри на час за да спречат судир со пешаци, велосипедисти и слепите лица.

 

OhridNews