Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ оствари речиси една милијарда долари од вложувања во биткоини, изјави аналитичарот Даниел Ив.
Според него, „компанијата би можела од вложувањата во биткоини да заработи повеќе отколку од продажбата на своите електрични возила во цела 2020 година“.
На почетокот на овој месец „Тесла“ во поднесокот доставен до Комисијата за хартии од вредност открил дека купил биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари за да го направи „пофлексибилен за натамошно диверзифицирање и максимизирање на поврат на готовина“.
Тргувањето е објавено минатиот месец, но компанијата не открива точно кога и по која цена. Засега не се знае дали „Тесла“ продал некои од купените биткоини.
Најголемата светска дигитална валута забележа невиден раст оваа година, достигнувајќи постојано нови рекордни нивоа.
Даниел Ив не објаснува како дошол до пресметувањето на заработката на „Тесла“ од биткоинот. Според податоците на КоинДеск, цената на оваа криптовалута на 31 јануари била на дневен максимум од 34.793,45 долари, а на 20 февруари, кога Ив ја објавил својата белешка, изнесувала 57.487,03 долари.
Тоа претставува раст од околу 65 проценти, што значи дека профитот на „Тесла“ од вложување на 1,5 милијарди долари во биткоин во тој временски период би изнесувал околу 975 милиони долари. Бидејќи биткоинот достигна денеска нов историски рекорд од 58.332,36 американски долари, профитот на Тесла надминува една милијарда долари.
OhridNews