Тешко на народот велат охриѓани по најновото поскапување на лебот и печивата.
Сите пекари во Охрид минатата недела извршија корекција на цената на белиот леб кој поскапе за 5 денари и сега чини 30 денари.Претходно за 5 денари поскапеа и печивата. Ваквото покачување пекарите го правдаат со високата цена на брашното и тврдат дека доколку не ги поскапат производите ќе работат со загуба.
Со нив не се согласуваат граѓаните кои сметаат дека покачувањето на цената на лебот и печивата не е оправдано.
Над 230 испитаници или 45%, на прашањето во анкетата на ohridnews „Дали поскапувањето на печивата за 50% е реално?“ одговориле негативно. Речиси толку одговориле со народниот израз „тешко на народот“, што значи дека 90 % од граѓаните кои одговориле на анкетното прашање сметаат дека поскапувањето на печивата и лебот за 5 денари е нереално. Спротивно мислат само 10% од испитаниците.
Се разбира дека ова е друга крајност. Пекарите ја правдат својата мерка, граѓаните пак се жалат на поскапиот живот. Дали поскапувањето на лебот и печивата економски е оправдано ќе покаже пазарот се разбира. Сепак без леб не се може, па и поскап да е. Продавачите велат дека лебот се продава вообичаено, но затоа продажбата на печивата драстично опаднала.
ohridnews