Тешка сообраќајна несреќа со која едно лице загина, а едно е повредено се случи денеска во 16:30 часот на магистралниот пат Охрид-Скопје кај месноста „Забрдо“, во близина на с. Требеништа.
страотен судир кај Требеништа
До несреќата дошло кога патничко возилоОпел Аскона со рег. таблички ОХ 641 БС, управувано од триесет и две годишниот Зоран Митрески од с. Лешани, удрило во паркиран камион „Мецедес“ со рег. табл. ОХ 959 ХР, сопственост на Сабаудин Чира од струшкото село Биџево. Во несреќата животот на лице место го загубил совозачот од асконата, Зоран Јанески од охридското село Лешани, роден 1972 година. Возачот Зоран Митрески кој се здобил со повреди е пренесен во коснозглобната болница Свети Еразмо во Охрид. Како ште не информираше дежурниот доктор Владо Стрезоски, тој се наоѓа на интензивно лекување но нема посериозни повреди и е надвор од животна опасност.
асконата директно се судрила со камионот
На местото на несреќата увид изврши полиција и истражен судија. Според првичните сознанија од увидот, до несреќата дошло кога патничкото возило „аскона“ кое се движело во правецот кон Кичево не го забележало предупредувачкиот триаголник и директно удрило во камионот кој бил паркиран на работ од истата коловозна лента за да смени дупната гума. Товарното возило кое принудно застанало, со еден дел било паркирано на коловозот во кој без кочење удрило патничкото возило. Судирот бил кобен за Зоран Јанески, кој беше оженет и татко на две малолетни деца.
Ова не е прв пат на ова место да се случуваат тешки сообраќајни несреќи. Овој дел од магистралниот пат Охрид-Скопје важи за црна точка каде досега се случиле голем број сообраќајни несреќи со трагични последици.
сообраќајот извесно време беше запрен
Поради тешката сообраќајна несреќа кај Требеништа сообраќајот на магистралниот пат Охрид-Скопје извесно време беше во прекин и беше нормализиран околу 20ч.
Горан Момироски
фото: Ohridnews