Најмалку 33 лица загинаа во експлозијата што вечерва се случи во центарот на турската престолнина Анкара, во областа во близина на министерствата за правда и за внатрешни работи кои во тие моменти биле преполни со службеници, пренесува „Макфакс“.
Телевизијата ТРТ наведува дека автомобил бомба, за која се верува дека ја активирал самоубиец, експлодирал меѓу два автобуса со по околу 20 патници, во регионот на паркот Ѓувен во квартот Кизлај.
Се наведува дека експлозијата којашто веднаш беше квалификувана како терористички напад, се склучила во близина на една од канцелариите на турскиот премиер, во период од денот кога блиската автобуска станица била преполна со луѓе.
Засега ниедна група не ја презема одговорноста за експлозијата, но турските власти веќе го вперија прстот во забранетата Работничката партија на Курдистан.
Во друг терористички напад што се случи врз хотелски комплек во Брегот на слоновата коска загинаа четиринаесет цивили и двајца припадници на безбедносните сили, објави претседателот Аласан Уатара.
„Шест напаѓачи дошле на брегот на Гран Басама во раните попладневни часови. За жал, во моментов имаме 14 цивили и двајца припадници на специјалните сили, кои се убиени“, рекол претседателот Уатара кој пристигна на местото на трагедијата. Додал и дека шесте напаѓачи биле ликвидирани.
Претходните информации говореа за тринаесет напаѓачи, кои според очевидци на плажата пристигнале со чамец и неселективно отвориле оган врз луѓето на плажата на хотелот „Etoile du Sud“, како и врз гостите во блиските ресторани и кафулиња.
Според првичните податоци, смртно настрадал еден француски државјанин, а националноста на другите жртви сé уште не е позната, меѓутоа се знае дека четворица се од Европа. Ранети се петмина Либанци, од кои еден се наоѓа во критична состојба, пренесуваат локалните медиуми.
OhridNews
извор:„Макфакс“