Еден Французин, роден во париско предградие е идентификуван преку отпечатоци од прсти, како напаѓач во концертната хала Батаклан, потврди полицијата, а медиумите јавуваат за уште една идентификација на момче на 15-годишна возраст како напаѓач во вчерашниот терористички акт во главниот град на Франција пренесува „Макфакс“.

Во медиумите излегоа и информации за националноста на жртвите, од кои најголем број се Французи, но има и двајца Романци, двајца Белгијци, еден Швеѓанец, меѓу мртвите.

Италијанската агенција ANSA извести дека најмалку двајца Италијанци се повредени, а една студентка е исчезната.

Reuters пренесува дека има повредени Американци, додека Британија нема потврда за жртви или повредени.

Ајфеловата кула е затворена за посетители на неодредено време, поради нападите во Париз, соопштија од управата на кулата.

Компанијата одлучи да ја затвори „иконата“ на Париз, која нормално ја посетуваат 20.000 туристи секој ден.

Папата Франциско е потресен од терористичкиот напад. Како што пренесе AFP, тој вели:„Потресен сум. Не разбирам како може вакви работи да напарат човечки суштества. Не може да има оправдание, религиско или човечко. Ова е нечовечко“.

„Јас сум со оние кои страдаа, со Франција, која многу ја сакам“, вели Папата.

Полицијата потврди дека кај еден од напаѓачите нашла сириски пасош, иако не прецизира на кое место е најден пасошот, од шесте места кои беа нападнати.

Шефот на полицијата на Париз, повика на Twitter јавноста да не шири гласини или лажни информации. Предупредувањето дојде откако на социјалните мрежи се прошири информација за пукање во Бањолет, што се покажа неточно.

Во синоќешните напади, потврдени се 128 мртви и повеќе од 250 ранети од кои 99 критично, иако медиумите пренесуваат поголеми бројки на загинати, во нападите кои осум терористи ги извршија на шест локации во Париз.

OhridNews
извор: „Макфакс“