Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва, 22 јули, во катедралната црква Св. Софија, концерт ќе одржи „Терем“ квартет од Русија.
„Терем“ квартетот е основан во 1986 година од страна на студенти од фолклорно-инструменталниот оддел на државниот конзерваториум „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург, квартетот „Терем“ низ годините станува еден вид симбол на градот и амбасадор на Руската култура во светот. Според руската новинарска фела- Квартетот „Терем“ заедно со музејот „Ермитаж“, театарот „Марински“ и Рускиот музеј се главни претставници на културниот живот на Санкт Петербург. Првиот концерт квартетот го реализирал на 26 ноември 1986 година, и овој датум неговите членови го сметаат за роденден на ансамблот.
Квартетот го сочиуваат: Андреј Константинов-сопран домбра (Национален уметник на Русија), Андреј Смирнов- бајан/ хармоника (Национален уметник на Русија), Алексеј Барсчев –алт домбра и Владимир Кудрјавчев- контрабас.
Квартетот „Терем“ е своевиден руски феномен, уникатен ансамбл кој руската фолклорна музика ја издигнува до за неа непознати висини. Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани го прават овој квартет единствен од ваков вид во Русија. Секој член на квартетот е истовремено композитор, аранжер, импровизатор, но музиката која ја свират произлегува од нивната заедничка креативност. Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм.
OhridNews