Тепих украсен со бисери, исткаен во Индија пред повеќе од сто години и наменет да го краси гробот на Мухамед, продаден е за речиси 5.5 милиони долари на аукција во Доха.
Тепихот со бисери го нарачал махараџата од Барода кој сакал да го подари за гробот на пророкот Мухамед во Медина, во Саудијска Арабија, се наведува во каталогот на аукциската куќа. Бидејќи махараџата умрел пред да го испорача подарокот, тепихот украсен со околу два милиони бисери од Персискиот залив, останал во неговото семејство.
Лицитирањето требало да започне од пет милиони долари и очекувале дека ќе постигне значително поголема сума, но почетната цена е намалена на 4.5 милиони долари поради малиот број заинтересирани купувачи. Новиот сопственик на тепихот, еден од тројцата кои се наддавале, сакал да остане анонимен.