Во близина на превојот Стража околу 12.30 часот имало тепачка на навивачки групи од Тетово и од Црна Гора. Навивачите на Будуќност (познати како Варвари) патувале кон Скопје каде вечерва нивниот женски ракометен тим гостува на ЖРК Вардар, jавува „Телма. Нивните два автобуси се спуштале од Стража каде во близина на месноста Цреткоски мост бил паркиран автобус со кој навивачи на тетовска Шкендија (позџнати како Балисти) оделе за Кичево на натпревар.
Според полицијата кон црногорските автобуси почнале да летаат камења и други тврди предмети, па гостите застанале на патот. Тука почнала пресметката меѓу Црногорците и тетовците кои со конвој од 10-тина автобуси оделе кон Кичево.
Во крвавата пресметка повредени се најмалку 13 навивачи. Единаесет се црногорски државјани кои со автобусите се спуштиле до гостиварската болница. Двајца од нив имале тешки и сериозни повреди и веднаш се префрлени на скопските клиники. Уште двајца припадници на групата Балисти пријавиле дека се повредени.
Од скопскиот Ургентен центар потврдија дека двајца пациенти попладнево се донесени кај нив по тепачката кај Стража. Едниот имал тешка повреда на главата, додека вториот имал рани по слабинскиот дел и по градниот кош.
-На пациентите им се направени рентгенски снимки, а во тек се анализи на резултатите и спроведување на компјутерски снимања на повредените. По анализите ќе бидат згрижени на соодветните клиники, велат од Ургентниот центар.
OhridNews
извор:„Телма“