Двократната шампионка во Србија на 3 000 и 5 000 метри и сопственичката на најдобрите резултати на маратон и полумаратон, Теодора Симовиќ ќе биде дел од третото издание на Охрид трчаТ кое ќе се одржи на 2 јуни низ улиците на нашиот град. Српската атлетичарка ќе ја збогати конкуренција на 10 километри и ќе се натпреварува со најдобрите од нашата земја и регионов.

  • Мојата приказна во атлетиката започнува со Македонија. Како дете бев дел од Атлетскиот митинг „Борис Трајковски“ во Скопје и тогаш ми се всади љубовта кон атлетиката. Оваа година бев дел и Скопскиот маратон и завршив на 4-та позиција. За Охрид трчаТ слушав само убави работи од моите пријатели Билјана и Александар Кираџиеви и ми беше предзвик да се пријавам и учествувам на 10 километри. – изјави Симовиќ.

На охриѓани, гостите и симпатизерите на кралицата на спортовите, Симовиќ им гарантира дека ќе даде максимум и нема да разочара ако се биде во ред во текот на трката.

  • Поради себе и поради публиката секогаш давам максимум и се трудам да го остварам најдобриот резултат. Така ќе биде во Охрид. Ако се биде како што треба ќе одам на добар резултат и пласман на подиумот, но најбитно е сите да уживаме во прекрасната манифестација која се најавува. – истакна Симовиќ.

Минатата година на пет километри победи гостинот од Србија, Милан Митровиќ, а дали ќе биде Симовиќ најбрза на 10 километри и ќе ја симне од тронот Адријана Поп Арсова останува да видиме на 2 јуни.

OhridNews