Тензии помеѓу средношколци од македонска и албанска националност имало вчера попладне во Струга. На инцидентот му претходела интернет караница помеѓу ученик Македонец и Албанец. Подоцна двајцата ученици со своите другари се сретнале во попладневната смена при што дошло до кошкање и тензична расправија, но одговорните од средните училишта „Ибраим Темо“ и „Нико Нестор“ тврдат дека немало тепачка ниту повредени во инцидентот.

Директорот на „Ибраим Темо“, Муса Мусаи во изјава за медиумите го потврди инцидентот, додека во „Нико Нестор“ негираат дека нешто се случило. Според Мусаи инцидентот завршил на жестока вербална расправија во која биле разменети погрдни зборови од двете групи, но немало повредени.

Не е прв пат ученици Македонци и Албанци од средните училишта во Струга да предизвикуваат вакви инциденти, а во последните неколку години се случија и неколку масовни тепачки. За инцидентот биле информирани Советите на родители на двете училишта, а случајот внимателно го следи полицијата.

Г.Момироски