Постапката за продажба на ЕМО е пред самиот крај, изјави за “ohridnews” вицепремиерот за економски прашања, Зоран Ставрески.
“Изминативе три-четири дена имавме интензивни средби со работната група која што е формирана од владата. Ги утврдивме условите и критериумите по насоки на владата, тендерот е речиси комплетиран и до крајот на оваа недела ќе биде и објавен“, рече Ставрески.
Првично беше предвидено ЕМО да се продаде на 30 март, како загубар по пат на јавно наддавање. Но, владата на три дена до продажбата се откажа од овој модел со образложение дека тој не нуди доволно гаранции за успешен развој на компанијата во иднина. Во периодот непосредно пред објавениот датум за финализација на продажбата, интерес за купување покажаа повеќе субјекти што не се дел од бизнисот на АД ЕМО Охрид и немаат интерес за проширување на бизнисот на оваа фирма , го објаснуваше тогаш својот потег Владата.Основна цел, како што соопшти Владата, е ЕМО да биде купен од стратешки инвеститор кој добро го познава бизнисот и ќе обезбеди компанијата долгорочно да продолжи со работа.
Инаку вицепремиерот Ставрески вчера беше во работна посета на општините Дебар, Вевчани и Струга при што посети повеќе производствени капацитети.
Г. Момироски