Зголемената фрекфентност во Охрид во текот на летниот период и огромното количество отпад што се создаваше беа пречка за темелно чистење во градот.

На почетокот од месецов, екипите на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ темелно исчистија дел од осмата урбана единица. Се чистеше на улиците „Никола Карев“ и „Сирма Војвода“ на булеварот АСНОМ, како и на десниот крак од улицата „Јане Сандански“.

„Почнавме од овој дел на градот зашто сметаме дека  таму се лоцирани голем број викенд-станови и индивидуални викенд-куќи“, изјави директорот на претпријатието, Боро Павлоски. Како што рече Павлоски, акцијата е стопирана поради поројните дождови. „Сега сме сконцентирани на владината акција за почиста европска Македонија што треба да ја спроведеме в недела, а во која ќе се чисти на одредени делови во градот и околината. Веднаш по неа продолжуваме и со вонредното чистење на улиците“, дополни тој.

Во „Охридски комуналец“ ги редуцираат контејнерите поставени низ градот, а ги прават и плановите за поставување корпи за отпадоци кои се пропишани со новиот Закон за јавна чистота. 

А.Ристоска