Хидролошката состојба на природните езера во Македонија станува алармантна. Поради долготрајната суша водостојот на реките и езерата во последните неколку години континуирано опаѓа. Врнежите ги израдуваа хидролозите, но есенските дождови не се доволни за да се надополни дефицитот на вода, децидни се во Управата за хидро-метеоролошки работи. Хидролозите во последниве месеци преку мерните инструменти констатираа континуирано опаѓање на нивото на водата во Охридското Езеро. Деновиве нивото на Охридското Езеро опадна за 6 сантиметри под минималната кота, која се наоѓа на 693,17 метри надморска висина.


Никнаа нови плажи на градскиот кеј
“Главната причина за опаѓањето на водостојот на Охридскто Езеро е лошата хидролошка состојба што ја зафати Македонија и регионот. Како резултат на високите температури што ги имавме  во текот на летото и  на почетокот од септември, водата испаруваше од површината. Се случуваше дневно да испарува од три до четири милиметри вода од површината”, вели раководителот на хидролошкото одделение во Управата за хидро-метеоролошки работи, Јосиф Милевски. Тој додава дека дождот, особено снегот најмногу го полнат езерото со вода. Според Милевски, многу важна улога игра и испуштањето  вода од браната кај реката Дрим. ” Не треба да се испушта количество кое е поголемо од она што влегува во езерото”, дециден е тој.


скалите испливаа на суво

“Нема испуштање вода од Охридското Езеро за енергетските потреби на Република Албанија”, вели за Оhridnews, портпаролот на ЕЛЕМ, Мирче Котески. “Не е во ред да се обвинува ЕЛЕМ дека неконтролирано испушта вода за потребите на Шпилје и Глобочица зашто во лето се води политика на штедење на водата во акумулациите поради претстојниот зимски период кога потрошувачката на електрична енергија е  енормно зголемена” додава Котески и објаснува дека хидроелектраните особено во лето се вклучуваат краткотрајно колку да се испегла дневниот дијаграм.


Испуштањето на водата од Охридското Езеро е регулирано со билатерален договор помеѓу Македонија и Албанија склучен пред повеќе од 4 децинии и тој мора да се ревидира за да се избегне еколошка катастрофа, велат експертите од Хидробиолошкиот институт – Охрид. Професор д-р Здравки Крстаноски, појаснува дека регулаторот на испустот кај Дрим е поставен  еден метар под нултата точка што значи дека и кога испустот е затворен езерската вода се слива во Црн Дрим.  

„Тој договор не е вечен и мора да се земе  предвид дека е направен во педесеттите години кога хидролошката состојба на езерото била поинаква. Денеска и да сакаме да и дадеме вода на Албанија за производство на струја тоа не можеме да го направиме зошто нема вода ниту во езерото. Затоа тој договор мора да се ажурира согласно хидролошката состојба на теренот“, вели професорот Крстаноски. Тој објаснува дека   намалувањето на водостојот  ќе предизвика понирање на поздземните води, а поради зголемениот притисок на почвата градежните објекти во крајбрежјето ќе почнат да тонат. Намалениот водостој според Крстаноски негативно ќе влијае и врз живописот во црквите. „ Тоа најдобро може да се забележи во црквата Св. Никола Болнички каде на ѕидовите јасно се гледа намалувањето на влагата. Во недостиг на влага доаѓа до калцификација и уништување на фреските“, вели Крстаноски. Сепак најмногу последици сушата ќе остави врз живиот свет, додава  професорот Крстаноски.

Со исто мислење е и неговиот колега од Македонското лимнолошко друштво Трајче Талевски. Според него лошата хидролошка состојба  негативно влијание врз растителниот и животинскиот свет во езерото, бидејќи големи површини остануваат на суво. “Најмногу штета ќе претрпат циприридите бидејќи дел од измрестената икра која се лепи за растенијата со повлекување на езерото останува на суво и е уништена, односно нема подмладок“, вели Талевски.

За намалениот водостој во Охридското Езеро загриженост постои и кај охриѓани. Постарите велат дека одамна толку долго езерото не било на толку ниско ниво . Охриѓанец кој повеќе од 20 години е сопственик на земјиште  на самиот брег од езерото на потегот помеѓу населбата “Далјан” и Специјалната болница за ортопедија ја потврдува алармантната состојба на езерото. “Кога го купив местото, изградив ѕид од камен во висина од 60 сантиметри зашто водата се прелеваше во моето место, но еве, веќе три години, таа видливо се повлекува и сега е на растојание  од три метри од ѕидот”, вели сопственикот на местото.

За намалениот водостој сведочат и спортските риболовци. Реките кои се вливаат во Охридското Езеро се пресушени или со многу мал водостој, поради што воведовме забрана за риболов на охридските реки, велат од спортско  – риболовниот клуб „Св Апостол Петар“.


птиците стојат каде што до вчера пливаа

Од Министерството за животна средина велат дека се следи состојбата како на Охридското Езеро, така и на други водни басени во земјава. „Намалениот водостој се должи на долготрајната суша која владее на целата северозападната хемисфера“, вели државниот секретар во министерството за животна средина, Дејан Пановски. Тој додава дека се разгледуваат  можности за подобрување на хидролошката состојба особено на Преспанското Езеро, кое е повлечено 4,5 метри. Загриженост за Охридското Езеро изразуваат и гратските власти. Неодамна Советот донесе Декларација за заштита на Охридското Езеро, која беше проследена до сите надлежни институции во дражавата.


Светското чудо ни бега пред очи

И додека повлекувањето на водата во Охридското Езеро според експертите зема загрижувачки размери, овој наш природен бисер  влезе во конкуренција за избор на ново светско чудо на природата. Тоа е добро за промоција, но  полем приоритет во моментов е Охридското Езеро вистински да се заштити, смета научната јавност. Според неа ,на природните процеси не може да се влијае, но затоа треба да се преземат неопходни мерки  да се зачува еко системот на Охридското Езеро, кое сеуште е најголемиот  воден басен со питка во овој дел од Европа.

Горан Момироски
Александра Ристоска