Последниот инцидент во Охрид во кој директни учесници беа младите и кој ја разбранува пошироката јавност е уште една потврда дека  девијантното однесување на младата популација е се поизразено.

Неонацистичките и сатанистичките симболи како  и вулгарните пораки упатени директно до вработените во основното училиште „Свети Климент Охридски “ беа дело на петмина ученици. Да биде иронијата поголема, тие учат токму во ова училиште, а како што се зборува во охридската чаршија, некои од нив се деца од угледни фамилии.

Уште еден лош пример од Охрид  кој на крајот од минатата учебна година ја заобиколи Македонија преку интернет, а замина и подалеку, е видео-клипот на неколку ученици од охридската гимназија снимени како бесат стол на закачувалка за време на часовите, а при тоа едниот од нив се обидува да седне на закачениот стол. Меѓу другото на снимката е прикажан и професорот кому ученикот му ги покажува мускулите како обид тој да се повелече од смирувањето на ситуацијата. По објавувањето на овој клип на интернет страниците, младите почнаа да испраќаат и разни други „експерименти“ што ги прават за време на часовите или одморите.

Што прават младите надвор од своите домови-никој не може да ги контролира.

Во анкетата што ја спроведе „Охриднуз“, семејството и општеството се подеднакво виновни за девијантното однесување на младите. 39 проценти од анкетираните сметаат дека овие две заедници се најмногу виновни за ваквото однесување на младите. Лошото друштво исто така влијае на девијациите, но за него се изјаснија 276 посетители на нашиот локален електронски весник или 17 проценти од вкупно анкетираните. Само 5 проценти од оние што гласаа во нашата анкета се изјаснија дека училиштето е виновно за девијантното однесување на младите.

„ Најновите случувања на девијантно однесување  помеѓу младите предизвикува загриженост, но истовремено и барање одговорност од целото општество“ вели дипломираниот психолог, Весна Спасеска и додава дека никој не смее да остане рамнодушен  и неодговорен пред секојдневниот пораст на  насилството и дисфункционалното  однесување на младите.

„ Се работи за сложен феномен кој содржи повеќе облици на асоцијално, антисоцијално, девијантно и деликвентно однесување. Ваквите проблеми не може да ги реши стручен тим од  психолози, педагози, социјални работници, туку проблемот треба да се постави на национална основа “  заклучува Спасеска.

Таа не одрекува дека семејството е  основа и ориентациона потпора и се согласува дека по трагањето за причините за ваквото однесување, семејството е тоа што прво треба да ја започне „битката “ против злото кај младите.„ Во ова динамично време родителите се свртени кон егзистенцијата и  немаат доволно време да им посветат на децата. Формирањето сопствен идентитет е криза во младите години и  не ретко завршува во погрешни насоки “ објаснува Спасеска и потенцира дека отсуството на физичкото и психичкото присуство на родителите се надополнува во врсничките групи.

Сепак, не смееме да ги изоставиме и медиумите кои влијаат врз човековото однесување тивко и индиректно и уште од мала возраст  оставаат траги врз однесувањето на децата. Интернетот,  а особено игрите полни со агресивност и насилство, како и мобилните телефони не ретко доведуваат до формирање погрешни ставови за темелните вредности.

Се чини дека во државава има работа за секого. Инвестирањето во младите е најдобрата инвестиција за родителите, но и за општеството.

Родителите ќе треба  одговорно да се прашаат што им прават децата таму некаде надвор, наставниот кадар да преиспита зошто им се повторуваат инцидентите, а психолозите и социјалните работници- од каде толку гнев и деструктивност кај младите.Време е, надлежните органи на централно и локално ниво да се запрашаат дали одговорноста е само во ингеренциите.

Време е и сите ние да се запрашаме какви морални вредности градиме и да се свртиме кон младите за да им помогнеме да ја одберат вистинската животна насока.

А.Ристоска / Г.Момироски