Дуќанџиите и купувачите на приземјето од трговскиот центар Амам, од страната на булевартот „Македонски Просветители“, деновиве доживеаја уште една во низата непријатности што, како што сведочат за OhridNews, им ги приредува натрапник. Последната се случила синоќа кога лице, за кое велат дека е бездомник од Скопје, инаку познат на службите, вербално нападнал жена, а кога таа се засолнила во еден од дуќаните, настрадал еден од излозите.

Човекот е пријавуван секој ден од охридските дуќанџии, но залудно, не се презема ништо. Многу е вулгарен, секој ден е под дејство на алкохол и постојано создава непријатности и проблеми како на дуќанџиите, така и на  купувачите и минувачите. По инцидентот синоќа тој е приведен, па ослободен за околу 5 минути, по што повторно почна со закани. Надлежните треба да се малку поодговорни, затоа што никој нема да ја покрие штетата на сопствениците, а и не е прв пат да се случува ова. Од полицијата велат дека е се во ред со него и дека нема што да му се прави, па прашуваме кој тогаш треба да преземе нешто и што да се прави да престане малтретирањето кое го трпат дуќанџиите и охриѓани. – вели нашата соговорничка.

Дуќанџиите од приземјето на амамот апелираат до полицијата, градските власти и соодветните институции, да преземат соодветни мерки, пред повторно да се случи инцидент.

OhridNews