Посмртните останки од рускиот пилот кој беше убиен од страна на туркменските бунтовници во Сирија откако Турција го собори неговиот авион, вчеравечер биле префрлени во Турција и ќе ѝ бидат предадено на Русија, изјави денеска турскиот премиер Ахмет Давутоглу и додаде дека приоритет за неговата земја е да ги задржи сите канали за врска со Русија.

Како што пренесуваат медиумите, со останките на пилотот се постапува според православната христијанска традиција.

Аташето за медиуми на руската амбасада во Анкара, Игор Митјаков,  за агенцијата ТАСС изјавил дека телото на убиениот руски пилот Олег Пешков денеска ќе им биде предадено на руските дипломати во Турција. Според него најверојатно уште во недела тоа ќе биде доставено во Русија.

Давутоглу изјави дека и во иднина би можеле да се случуваат слични инциденти, доколку не се разменуваат информации и не се воспостави координација, имајќи предвид дека во Сирија дејствуваат различни коалиции со различни цели.

„Нашиот приоритет е да ги задржиме отворени сите канали за комуникација со Русија“, рече Давутоглу, имајќи предвид дека Москва по соборувањето на нејзиниот „Су-24М“ во близина на сириско-турската граница еднострано ја прекина воената комуникација со турската страна.

Давутоглу, исто така, како и претходно во саботата претседателот Реџеп Тајип Ердоган, изјави дека за Русија економските односи со Турција се исто толку важни како и за Турција со Русија, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша указот за воведување специјални економски мерки против Турција поради инцидентот со авионот.

OhridNews