Темата не е нова, но е актуелна. Телевизиите користат недоречености во законот и организираат вакви квизови од кои само тие заработуваат големи пари, се разбира на сметка на гледачите кои без да ги знаат или чујат правилата на игра наседнуваат на примамливите суми кои како награда и „лесна заработувачка“ им ги нудат најчесто шарманти девојки.
Надлежните регулаторни органи официјално никогаш не го соопштиле својот став во врска со интерактивните телевизиски квизови, ниту соопштиле дека се преземени конкретни мерки за заштита на гледачите од евентуална измама, а молчат и здруженијата за заштита на потрошувачите. На граѓаните им преостанува да одолеат на “прималливата“ понуда, или да го променат каналот, на љубопитните пак не им бега висока телефонска сметка, се разбира доколку не ја освојат понудената парична награда која е нешто поголема од просечната македонска плата.