Македонски Телеком денеска објави дека ги згасна двата продуктни бренда T-Home и T-Mobile и воведе еден бренд-Телеком, најавувајќи дека нема да има отпуштања на вработените, а наскоро ќе бидат претставени нови пакети. Отсега под Телеком брендот ќе се нудат сите комуникациски услуги за дома и во движење: мобилни и фиксни интегрирани услуги, решенија за деловни корисници и Cloud решенија.
Воспоставувањето на еден бренд има за цел да ги поедностави процесите, во насока на задоволство на корисникот, како клучен фокус на Македонски Телеком.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Андреас Мајерхофер појасни дека спојување на фиксна и мобилна телефонија е телекомуникациски тренд секаде во светот, особено во Европа, кој има за цел да го поедностави животот на корисниците.
Според раководството на компанијата не е планирано со ребрендирањето да има масовно отпуштање на вработените, чија бројка изнесува 1.386.
„Просецот на реструктуирањето веќе го започнавме пред две години и немаме никакви планови масовно да отпуштаме вработени. Оперативните работи треба да се унифицираат што беше направено дури и претходно, менаџментот исто така беше унифициран, што значи дека спојувањето нема да придонесе за отпуштањето. Вообичаени трансформации секако дека треба да бидат направени“, изјави Мајерхофер на средба со македонски новинари во Берлин.
Од компанијата најавуваат дека наскоро на македонскиот пазар ќе биде промовиран пакето тMagenta-1, кој веќе е промовиран во неколку европски држави, каде бил позитивно примен од корисниците. Станува збор за ново интегрирано продуктно портфолио кое нуди фиксна и мобилна телефонија, интерент ТВ, Cloud сервисинг и воедно ќе ги покрие приватните и бизнис корисниците.
Всушност не станува збор за нова понуда, туку за сосема нов концепт направен според начинот на живеењето и потребите на модерните корисници. Корисникот ќе може според своите потреби да одбере каква услуга и кои количини на услуги сака.
Македонски Телеком на 19 септември со цел да го прослави брендот Телеком ќе организира голем настан во Скопје за сите граѓани, на кој се најавува голема забава и незаборавно дружење.
OhridNews
Извор: „Макфакс“