Платформата Телеграм во Русија го надмина Вотс ап (WhatsApp) според бројот на корисници и стана најпопуларна платформа за инстант комуникација, соопшти денеска руската телекомуникациска компанија Мегафон.

Мегафон, еден од четирите најголеми руски телекомуникациски оператори, објави анализа на сообраќајот на мобилниот интернет, која покажува дека уделот на Телеграм пораснал на 63 отсто во првите две недели од март од 48 отсто во истиот период во февруари. Уделот на WhatsApp падна од 48 на 32 отсто, соопшти Мегафон. Просечниот корисник на Телеграм троши 101 мегабајти податоци дневно наспроти 26 на WhatsApp.

Телеграм е основан од Русинот Павел Дуров и оваа апликација долго време е популарна платформа за информирање на Русите. Скоро сите поголеми медиуми, владини агенции и јавни личности имаат свои канали на таа мрежа.

Неговата популарност „порасна по ограничувањата за пристап до други апликации за комуникација и социјални мрежи“, објави Мегафон, додавајќи дека растот на бројот на корисници е забележан од 24 февруари, денот кога Русија ја започна инвазијата во Украина.

Сопственикот на WhatsApp Meta Platforms е на суд во Русија под обвинение дека е „екстремистичка организација“, па властите активно ја промовираат апликацијата Телеграм откако ги забранија странските платформи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Руската служба за безбедност (ФСБ) денеска повика на „моментна“ забрана на американските социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм, на првиот ден од судењето за „екстремизам“ во услови кога се зголемува репресијата врз медиумите по инвазијата во Украина.

Активностите на Мета (матична куќа на Фејсбук и Инстаграм) се насочени против Русија и нејзините вооружени сили. Бараме нејзина забрана и итна примена на оваа мерка, изјави портпаролот на ФСБ Игор Коваљевски на сослушувањето.

И Државниот обвинител побара забрана на Мета „поради очигледни знаци на екстремистичка активност“. Сепак, тој побара апликацијата за пораки WhatsApp, исто така во сопственост на Мета, да биде исклучена од забраната.

На 11 март Руското државно обвинителство побара Мета да биде означена како „екстремистичка“ организација, со што се отвори патот за забрана на сите нејзини активности во Русија.

Барањето е поднесено по одлуката на Мета да ги олесни правилата во врска со говорот на омраза против руската армија и државниот врв поради инвазијата на Москва во Украина. Државното правобранителство оцени дека Мета ги оправдува „терористичките акции“ и поттикнува „омраза и непријателство“ кон Русите.

Претставникот на Мета пред судот денеска изјавил дека компанијата последователно ги променила своите правила за да спречи „русофобија и повици за насилство“.

Инстаграм, Фејсбук и Твитер веќе се блокирани во Русија, каде речиси им е забранет пристапот, освен преку приватна виртуелна VPN мрежа.

OhridNews