Премиерите на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, вчера телефонски разговарале за повеќе области на соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорот бил Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање кое е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ, како и подготовките за претстојниот главен самит кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија.
Како што информира владиниот кабинет, двајцата премиери разговарале и за заедничката соработка во заштитата од пандемискиот вирус КОВИД-19, со акцент на искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните.
Била потенцирана и определбата на премиерите, двете држави и граѓаните за целосно искористување на можностите кои постојат за унапредување на економската соработка.
Во телефонскиот разговор се дискутирало и за организација на скорешна посета на премиерот Заев на Република Бугарија, како и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни, чии претставници треба да се сретнат идниот месец.
Премиерот Борисов истакнал дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Р.С. Македонија, при што заедно со премиерот Заев изразиле увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, соопшти кабинетот на македонскиот премиер.
OhridNews