Руски војници ги вратија во Украина телата на десетици украински војници кои загинаа во челичарницата Азовстал. Според некои светски агенции, телата, наводно, биле префрлени во главниот град Киев, каде што се врши ДНК анализа за да се утврдат идентитетите на убиените, соопшти полкот Азов, една од единиците на Украина која ја држеше фабриката за челик речиси три месеци пред да се предаде во мај.

Украина во саботата ја објави првата официјално потврдена размена на загинати војници од почетокот на војната. Беше кажано дека двете страни размениле вкупно 320 тела, а размената се случила во четвртокот на линијата на фронтот во регионот Запорожје.

Ана Холовко, портпаролка на полкот Азов, изјави дека сите 160 украински тела што ги предале Русите се од урнатините на Азовстал.

Таа рече дека најмалку 52 од тие тела се сметаат за останки на војниците на Азовскиот полк, а Максим Зорин, поранешен командант на полкот кој сега е на чело на воената единица со седиште во Киев, потврди дека меѓу разменетите има и тела од фабриката за челик.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека може да има повеќе од 2.500 затвореници од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, кои сега се притворени во регионите Доњецк и Луганск во источна Украина.

Зеленски рече и дека плановите на Русија во однос на третманот на овие затвореници постојано се менуваат. Во исто време, руските сили продолжија да се борат за контрола на Северодоњецк, град во источна Украина кој е клучен за целта на Москва да заврши со заземање на индустрискиот регион Донбас.

Зеленски изјави дека украинските сили ги држат своите позиции во градот, додека на улиците се водат жестоки битки и Русија се обидува да распореди повеќе сили во оваа област.

Ова е 103-ти ден, а украинскиот Донбас стои. Цврсто стои, рече украинскиот претседател во своето ноќно обраќање до нацијата.

Зеленски рече дека руските сили планираат да го заземат градот Запорожје во југоисточниот дел на земјата, каде што живеат повеќе од 700.000 луѓе, што може сериозно да ја ослабне позицијата на Украина и да и овозможи на руската армија да напредува поблиску до централниот дел на земјата.

OhridNews