Телата на деветмината косовски терористи, ликвидирани од македонската полиција во Куманово, утрово пристигнале во Косово, јавива „Макфакс“.

Голем број косовски граѓани и претставници на здружението на ОВК, со знамиња на Албанија, го дочекале нивното враќање.

Директорот на косовската судска медицина, Арсим Грџали, изјавил дека по разговори со роднините на убиените, повторно ќе биде извршена обдукција, пренесува новинската агенција Танјуг.

Здружението на поранештни борци на ОВК најави дека погребот на убиените деветмина од „кумановската група“ ќе биде свечено извршен, но нема информации кога ќе биде тоа, со оглед на фактот дека прво треба да биде извршена обдукција на телата и од косовските институции.

Семејствата на припадниците на вооружената група кои беа убиени во судирите во Куманово во средата излегоа на протест пред владата на Косово и побараа Македонија да им ги предаде телата на нивните роднини.

Братот на убиениот Мирсад Ндрецај рече дека неговиот брат отишол во Македонија да се бори за правата на Албанците, а не за пари. Според него, „нивните браќа“ ги издал лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Во судирите во Куманово меѓу македонската полиција и вооружената гурпа загинаа осум полицајци и десетмина припадници на вооружената група.

OhridNews
извор:„Макфакс“