После кратката пауза поради новогодишните празници теквондистите од клубот „Хваранг Фист“ започнуваат со припреми за новата натпреварувачка сезона. Клубот е високо рангиран во Македонската олимписка теквондо федерација со 4 репрезентативци во 2 старосни категории, кадети и јуниори.

Денес нашите јуниори Ѓорѓи Петкоски и Ненад Целески заминаа на 7 дневни подготовки со националниот репрезентативен тим на Р. Македонија под раководство на селекторот Др. Борче Костовски. Нашите пак најдобри кадети Јана Спироска и Петар Петкоски утре патуваат на 4 дневен семинар во Ќустендил во Р. Бугарија заедно со уште 200 натпреварувачи од регионов, информираат од клубот.

Посочуваат дека вчера во Скопје било одржано редовното годишно собрание на Македонската Теквондо федерација на кое бил претставен новиот систем на натпреварување.

Беше претставен новиот систем на натпреварување согласно Законот за спорт, Македонска теквондо лига, која се состои од 7 домашни Таеквондо турнири. Еден од тие турнири е и нашиот „Охрид Опен“ кој оваа година ќе биде во мај, истакнуваат од „Хваранг Фист“.

Инаку, Македонската теквондо федерација беше прогласена за најдобра спортска федерација за 2024.

OhridNews