Повод: Иницијативата за откажување на државната матура
Во ваква светска криза каде што се за што знаеме е доведено во неизвесност, ние се најдовме најпаметни матура да откажвиме? Нашиот нормален живот во моментов е паузиран и потребно е на истите промени да се адаптираме а не да им се спотивставуваме со главата в ѕид, како некој да сакаше ова да е вака. Само доколку се адаптираме на моменталната ситуација и го извлечеме максимумот од неа (24/7 слободно време минус времето во кое миеме раце), ќе можеме нормално да го продолжиме животот после оваа изолација, а во некои сфери дури можеби и подобро.
Не смееме да дозволиме оваа неизвесност да ги убие нашите амбиции и нашиот дух. Не велам дека не треба да се бориме за своите права во однос на полагањето матура, но не смее да се бориме за погрешна цел! Мора да останеме во допир со реалноста и трпеливо да ги дочекаме одлуките на Министерството за образование и наука кое е одговорно за ова прашање. Залудни се сите наши петиции без оглед на нивните барања, но сепак треба да сме свесни дека она што го бараме може всушност многу да ни наштети и значително да го промени текот на нашето понатамошно образование и нашите животи и кариери.
За сите вас кои барате откажување на државната матура, ВЕ МОЛАМ НЕМОЈТЕ. Во случај таа петиција која се рашири по социјалните мрежи да биде прифатена од МОН, ние најверојатно ќе се соочиме со нов услов за упис на факултет, приемен испит (барем во Македонија, а за оние што сакаат да се запишат во странство може да се јават уште поголеми проблеми и компликации). Приемните испити не се воопшто лесни, а поголем проблем е тоа што за разлика од матурата, не знаеме “што се паднало лани“ бидејќи на повеќето факултети истите се укинати минимум 10 години.
Во вакви тешки моменти, не само за нас, туку и за целиот свет, не треба да бидеме себични. Во случајов ни е потребно што побрзо да добиеме насоки од МОН, а најдобро решение на кое можеме да се надеваме во ваква криза, оттежнати услови за учење, стрес, комплетно затворање дома каде што од икс причини не секој може да учи, е да добиеме некакво олеснување во поглед на материјалот на кој треба да полагаме. Треба да се бориме за реални цели, да размислуваме пошироко од своите желби и потреби и да гледаме многу подалеку од својот нос.
А сега неформалниот дел,
Луѓенца, останете дома, останете безбедни, мијте раце и почитувајте ги и другите препораки за превенција од коронавирусот. Со помалку нервози, и ова ќе се реши, има луѓе на кои во моментот ова им е главна задача кои ќе се погрижат истата да биде решена во најскоро време. Како и сите досегашни генерации, ќе имаме добар исход, ќе се запишиме кој кај сакаме и се ќе биде во ред. Дотогаш, останете трпеливи и реални.
Анамарија Момироска
ученик во IV година Гимназија – Охрид
*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите