Хемиската фабрика во Крозби, во американската сојузна држава Тексас е под закана од пожар или експлозија во наредните шест дена поради поплавите, изјавил директорот на фабриката Ричард Роу. Според Роу не постои начин да се спречи пожарот во фабриката Аркема поради големото количество на вода.
Системот за ладење кој произведува органски пероксиди е во дефект поради катастрофалните поплави кои ги предизвика ураганот Харви, соопшти компанијата.
Поради опасноста од експлозија евакуирано е населението кое живее во пречник на околу два километри од фабриката. Фабриката е евакуирана и е без напојување со електрична енергија од неделата.
„Ситуацијата во Крозби е сериозна. Во моментов нема опасност, но потенцијалната хемијска реакција би можела да предизвика експлозија и пожар“, се наведува во соопштението на компанијата.