Иако не продаде најмногу албуми, американската пејачка Тејлор Свифт е музичар со најголема заработка во минатата година. Експертите пресметаа дека заработи неверојатни 73,5 милиони долари од својата музика, од кои 61,5 милиони од светската турнеја „1989“ и 11,8 милиони од продажба на албуми и издавачки права. Кантри ѕвездата Кени Чесни заработи речиси двојно помалку, 39,8 милиони долари, што му овозможи да се најде на второто место на листата на Билборд.
Со 39,6 милиони долари, воглавно од турнејата, Ролингстоунс се трети, Били Џоел е четврти со 31,7 милиони, додека бендот „One direction“ се петти со 24,2 милиони заработени долари. До десеттото место се најдоа „Grateful Dead“, Кеша, U2, Адел и Марун 5. Списанието Форбс веќе ја избра Тејлор Свифт за една од најмоќните жени на светот, бидејќи на Твитер ја следат дури 76 милиони фанови.