Производителите на мебел од регионот наскоро ќе можат на едно место да најдат сѐ што им е потребно за производство на висококвалитетни производи кои сѐ повеќе се бараат на пазарот кој драстично се менува под влијание на современите трендови. За таа цел, охридската компанија ГУГО Охрид доо набави нова опрема која ќе користи нови технологии и материјали за подобри резултати: прецизно сечење, дупчење и глодање на елементите за производство на мебел, подобра и потрајна обработка на рабовите на иверка и многу подобар визуелен изглед.

Можностите на новата опрема синоќа беа презентирани пред производителите на мебел за кои исклучиво таа и е наменета.

Покрај подобрување на постоечките процеси, ќе стане возможен и развој на идеи за нови производи кои се ограничени со моментално достапната технологија. Со тоа се отвораат и можности за исполнување на условите за квалитет и цена за извоз на одредени производи. Новите машини имаат и значајна еколошка компонента преку енергетската ефикасност и намалувањето на отпадот, што истовремено ќе ги намали трошоците и ќе го зголеми профитот на компанијата, беше истакнато на промоцијата.

 

Подобрениот стандард на живеење последните години со инвестициите на странските компании во регионот и развојот на туризмот на повисоко ниво, бараат повисоки стандарди за сите производи, вклучувајќи и мебел по нарачка и реклами. За да се постигне тоа, производителите на мебел мора да ги исполнат сите елементи на модерното производство: голем и добро опремен изложбен салон за презентација на производите, софтвер за дизајн и производство, модерни машини, брзо време на изработка и монтажа, посочуваат од ГУГО.

Повеќе од 100 регионални производители на мебел се повремени клиенти на нашата компанија, од кои третина се редовни купувачи на материјали и корисници на услуги. Голем дел од нив немаат време и ресурси за професионално усовршување и усвојување на нови материјали, производи и технологии. Новата инвестиција на ГУГО Охрид не само што ќе им го овозможи тоа, туку и ќе им овозможи да ја прошират понудата со висококвалитетни производи, велат од компанијата.

Новата инвестиција ГУГО Охрид ја реализира во рамки на проектот „ЕУ за економски раст“ (EU for Economic Growth – EU4EG), кој  има за цел зголемување на локалната економска активност и конкурентност во Североисточниот, Полошкиот и Југозападниот плански регион, како и областа Преспа (Општина Ресен), преку подобрување на пристапот на старт-ап и микро, мали и средни претпријатија до финансирање и услуги со висока додадена вредност.

Проектот кој ќе се имплементира до 1 јануари 2025 година е кофинансиран од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Германија со поддршка на Сојузното министерство за економски прашања и климатски активности (BMWK) во соработка со Централноевропската иницијатива (CEI), а го спроведува „Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit GmbH“ (GIZ).

Компанијата ГУГО Охрид доо започна со работа во 1998 година како хоби проект за производство на програмабилни светлечки LED реклами на тројца ентузијасти – основачи на фирмата. На почетокот тие беа и единствените вработени. По првата LED реклама, портфолиото постепено се прошири на сите видови реклами, печатење во голем формат и гравирање. Од 2003 година компанијата започна со CNC услуги за производителите на мебел, а подоцна ја прошири понудата со комплетна продажба и услуги во областа на материјали за мебел. Наскоро ГУГО Охрид ќе стави во употреба модерна опрема која користи нови технологии и материјали што ќе отвори дополнителни можности за производителите на мебел во регионот.

Фото галерија:

ГУГО Охрид претстави технолошки напредна опрема
која ќе отвари нови можности за производителите на мебел во регионот

Г.М.
Фото: А. Момироска
Видео: Бобан Стојаноски