Долгогодишниот проблем на охридската бродска флота со немање услови за вршење на задолжителниот технички прeглед е надминат со изградба на соодветна платформа – понтон, која ќе ги опслужува пловните објекти на Охридското Езеро. Понтонот го изградија сопствениците на бродовите „Александрија“. Од градското пристаниште каде привремено беше закотвен, тој по воден пат ќе биде пренесен во Св. Наум. Таму ќе се врши техничкиот преглед на бродовите, кој најверојатно ќе започне утре или ден подоцна.
-Понтонот е оперативен и останува да го пренесеме до Св. Наум каде утре најверојатно ќе биде и првото подигање на брод. Техничкиот преглед ќе го врши овластениот бродски регистар „Биро Веритас“, а први за контрола се бродовите „Александрија“ и „Галеб“.- информираат охридските бродари.
Понтонот ќе биде потопен во вода, а бродовите ќе се подигаат со впумпување воздух од компресор во специјално изградените комори. На него ќе може да се подига тежина до 70 тони, што значи дека ќе може да ја опслужува комплетната флота на Охридското Езеро, бидејќи најголемиот брод „Александрија 2“ е тежок 50 тони.
На понтонот се вградени стабилизатори за безбедно подигање на пловните објекти, а единствено што недостасува е соодветно место или залив за вршење технички преглед, велат охридските бродари, укажувајќи дека надлежните институции треба да го имааат тоа во вид при идното планирање на просторот во крајбрежјето.
Покрај за технички преглед на бродовите, понтонот може да се користи и за изведување градежни работи во вода, чистење и уредување на пристаништата на Охридското Езеро и друго.
Г.Момироски
фото:Емил Јовановиќ