Проектот „Кон енергетски ефикасни општини“ за поставување фотоволтаична централа на објектот на пречистителната станица за отпадни води во Вевчани ќе добие техничка и финансиска поддршка за негова реализација во рамките на програмата „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен балкан и Турција“.

Општината изработи проект за поставување на фотоволтаична централа со вкупна номинална моќност од 80 kWp на објектот на пречистителната станица за отпадни води во Вевчани, со цел ублажување на ефектите од енергетската гриза, информира градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

Со изработениот проект аплициравме на објавениот конкурс за спроведување на мали пректи од областа на енергетиката климатската заштита и транспортот за општини и градови, како дел од активностите на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен балкан и Турција“, заеднички кофинансиран од Европската унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој. Проектот на Oпштина Вевчани „Кон енергетски ефикасни општини“ е избран за победнички и ќе добие техничка и финансиска поддршка за негова реализација, изјави Кочовски.

Посочува дека континуирано и посветено се работи на подобрување на енергетската ефикасност и заштеда на трошоци за електрична и топлинска енергија во јавните објекти.

Во тек е подготовка на нови проекти за енергетска ефикасност на јавните објекти во Општина Вевчани, а во буџетот на 2023 година ќе се планираат средства за отпочнување на постапка за изградба на фотоволтаична централа со номинално моќност до 1МW, рече Кочовски.

OhridNews