Во земјава продолжува вакцинацијата на здравствените работници со 3 000 вакцини набавени од Русија, како и ревакцинацијата со Фајзер што беа добиени преку Србија. До крајот на месецов се очекува да пристигнат и околу 40 000 дози од Фајзер и АстраЗенека, со што ќе стартува и масовната имуниазацијата на населението.

Според проценките на министерот за здравство Венко Филипче, работници кои работат во ковид-центрите ќе бидат вакцинирани целосно во следните десетина денови. На ден се вакцинираат од 250 до 350 лица, во пунктот во Здравствениот дом – Скопје.

Една од опциите беше да започнеме со вакцинација на постарите лица. Меѓутоа тоа што се случи во меѓувреме беше зголемување на бројот на пациенти на кои што им е потребна хоспитализација и ангажирање на дополнителен кадар од медицински сестри и лекари од други одделенија кои треба да работат со овие пациенти. Од 4000 илјади се зголеми бројот на здравствени работници кои сега ќе работат со ковид-пациенти и затоа донесовме одлука тие да бидат во првата приоритетна група, изјави министерот Филипче.

Во врска со вакцините на Фајзер, рече дека според најавата од комуникацијата што ја имаат сега станува збор за 20 000 вакцини кои треба да стигнат на крај на март, кога се очекуваат и меѓу 20 000 и 25 000 вакцини на компанијата Астра зенека.

Во врска со набавката на кинеските вакцини, Филипче нагласи дека имаат два принципа како и секогаш кога станува збор за такви набавки, а тоа се внимателност и регуларност. Тој потенцираше дека апсолутно ги отфрла сите обвинувања кои овие денови ги имаше во дел од медиумите дека станува збор за некакви нерегуларни, незаконски постапки, дека станува збор за некакви провизии.

OhridNews