Вечерва од 21 часот во големата сала при НУ Центар за култура „Григор Прличев” – Охрид,  премиерно на програмата на Охридско лето е театарската праизведба „Живот под кирија“ во режија на Лука Кортина, Фиренца – Италија во изведба на НУ Албански Народен Театар, Скопје – Македонија.

Се работи за надреална сатира, приказна за младиот режисер Дин и неговите почетоци во создавањето на еден нов свет, свет во театарот и еден убав театарски живот. Но не оди сè така лесно, тој се соочува со непослушноста на актерите и управата, кои театарот го гледаат како начин за постигнување други цели…

Актерите не можат да се потпрат на ликовите на големите класици, на нешто што е веќе видено, туку сите заедно влегуваат во возбудата на креирање на нешто потполно ново.“ –  вели селекторот на драмскиот дел на Охридско лето Ѓорѓи Јолевски.

Адем Карага, директор на НУ Албански Народен Театар но и актер во претставата, вели дека се соочиле со една креативна работа на текст кој зборува за театарот.

Се обидовме да се соочиме со проблемите а не да се плашиме од нив. Да бидеме директно со овие случувања како во театарот така и во целокупното наше општество.“ – рече Карага.

Авторот Рефет Абази потенцира дека текстот во претставата не нуди решенија за проблемите, туку отвора нови погледи.

Театарот е реална и нереална слика и една убава слобода да се искаже едно чувство или повеќе чувства, да се исткае една убава приказна… за луѓе, за нелуѓе и Дин во средината, кој се клати од една на друга страна барајќи си го своето место.“ – вели Абази.

За Лука Кортина, режисерот со италијанско потекло кој и претходно работел со македонските театри како и со режирање на различни културни и програмски настани, Охридско лето е најголемата манифестација а ова за него бил најголемиот и најзначајниот момент од неговото работење.

Возбуден сум од воспоставениот код на разбирање театар истражување на сценскиот израз кој го направивме со актерите. Процес на силен и длабок истражувачки дух во однос на театарот. Целта беше да градиме процес во кој сцената се создава со сите елементи на театарско изразување.“ – потенцира режисерот на претставата.

OhridNews