Љубителите на театарската уметност вечерва во Предворјето на црквата Св. Софија, во рамки на програмата на овогодинешното Охридско лето ќе имаат можност да ја погледнат претставата „Нашиот Клас“ од Тадеуш Слобоѓањек. Ова театарско дело во режија на Ханан Снир е копродукциски проект на Камери Театар и Национален Театар Хабима од Тел Авив, Израел.
„Нашиот клас‘ е приказна за еден клас, во едно село во Источна Полска… Еден храбар поглед на она што се случило го остава гледачот без здив, шокиран и длабоко потресен, додека се идентификува со она што се случува на сцена. Десетте прекрасни актери благодарејќи на најсензитивниот и единствен стил на текстописецот и режисерот успеаjа да го направат невозможното: гледачот да ги засака и да ги разбере сите тие што го живееле овој неразумен живот кој им бил наметнат од историјата“, пишува во најавата за претставата.
„Нашиот клас“ ја обработува темата за комплицираните врски помеѓу Полјаците и Евреите во текот на Втората светска војна. Драмата е локална и универзална, приказна која, всушност, се случува во селото Једвабне во Источна Полска на десетти јули 1941, кога полските католички соседи упаднале во домовите на Евреите со кои пораснале, ги заробиле во локалната штала и запалиле 1.600 Евреи.
Режисерот Ханан Снир дипломирал театарска уметност на Универзитетот Тел Авив и на Кралската академија за драмски уметности во Лондон, каде што, исто така, предавал и режирал. Од 1990 до 1991 година работел како уметнички директор во театарот „Хабима“.
OhridNews