Во рамки на циклусот културни настани за деца што ги организира Општина Охрид, овој петок на сцената кај ТЦ Амам со почеток во 18.30 часот ќе се одржи претставата „Младиот Чорбаџија“ во изведба на актерите од Театар Хит – Скопје.
Претставата е работена според мотивите на делата од Марко Цепенков. Целта на настанот е на децата да им се долови културното творештво преку театар, а ќе се укаже на клучни нешта битни за нивно правилно воспитување и осознавање на вистинските вредности. Однесувањето кон семејството и семејните вредности, почитта, хуманоста, етичките и моралните вредности се само дел од пораките кои се настојува да се пренесат до најмладите, информираат од Општина Охрид.
Во претставата играат актерите: Магдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски, Бранко Атанасов и Ема Давчева. Адаптацијата на текстот е на Сашо Ристовски, додека сценската визуелизација е на Диди Продукција – Театар Хит Скопје.
OhridNews